Убаво време и добро расположение. Па ни требаше ли уште нешто?! Уште на самиот старт, пред планинарскиот дом Смрека и искачувањето до средната станица на Церипашина, учесниците како да знаеа дека ги чека нешто многу тешко и напорно. Но кога пристигнаа на средната станица, веќе се беше полесно, и го немаа тоа мислење од претходно. Значи, од тука натаму учесниците на планинскиот – велосипедски маратон Шарски Води 2009, јурнаа со своите велосипеди. Меракот беше голем. Тоа се должеше на тоа што немаше повеќе искачувања, и се беше рамно. Од таму следеше правец кон изворот Карабунар, од каде што следеше долг и атрактивен спуст, па се до излегувањето на патот по кој течат Шарските Води.
Свежината на планинскиот воздух, и изобилието на недопрената природа, ги полнеше срцата на над 260 велосипедисти, кои земаа учество во овој, веќе трет традиционален планински-велосипедски маратон. По патот учесниците можеа да уживаат во погледот на околните врвови, и да ги искусат „страшните“ тунели, полни со кал. Следуваше караулата на Маздрача, огромните каптажи, полни со вода, и планинарскиот дом Шар, каде што се направија поголемите одмори. На раскрсницата кај селата Вруток и Дуф, се упативме кон Дуф. Од таму имаше пат уште 3.5 км, а потоа следеше возење низ шума, по козји патеки, кои наликуваа на добро уреден МТБ парк. Откако го поминавме с.Дуф, излеговме пак на нормален пат, кој не одведе на асфалтниот пат за Маврово. Толкавото возење на учесниците не беше залудно, бидејќи на целта ги чекаше најубавото тетовско гравче, кое за мене беше најубавото гравче изедено досега, а верувам и за другите. Во прилог ставивме слики да видите како си поминавме и како се забавувавме.
Поздрав до следниот маратон!
|