070-641-998 / 070-317-740 / 070-351-898

Извештај од акција

07 Apr

ТРИТЕ СТРАГИ на Дрен (1476 м.н.в.)   April 07, 2019   Планинарство

На 07.04. го искачивме осмиот предвиден, а седми по ред планински врв во сезоната 2018/2019: Трите Страги на планината Дрен, во далечното убаво и диво-питомо (оксиморон!) Мариово. Тргнувајќи во раните мугри околу 60ина планинари, предизвикувачи и љубители на природата од Скопје, Струга, Прилеп пристигнувајќи по 3,5 часа патување, започнаа со движење од мариовското село Вепрчани. Пробивајќи се низ дабовата шума за околу 1 час групата се искачи на преслапот Никулица (1120 м.) до каде беше донесен дрвен столб кој беше поставен со повеќе патоказни табли за врвот, околните преслапи и села, за да остане и во иднина да го покажува патот и правецот за сите други планинари и намерници. По паузата и глетката кон долината на Црна и сето пространство исполнето со планини групата продолжи по каменитата југоисточна падина на Дрен, движејќи се и запирајќи по околу половина час со надеж дека ќе биде пронајдена и посетена пештерата Гулабинка, интересна по својата мермерна внатрешност и градба. Но, и по втор пат природата не ни дозволи да ја пронајдеме и покрај темелната истрага на падините, грмушките и нискостеблестите прнари и дабови. Од тука групата веќе се развои при што едни продолжија веднаш кон сртот и врвот, а останатите кон преслапот Клен (990 м.). Кај преслапот Клен повторно се поделивме, едни по обележаната маркација низ густите дабови кории веднаш тргнаа право кон врвот Трите Страги, а останатите продолжија со слегување уште 5 километри низ Кленскиот Дол, каде беше посетена спомен-плочата и местото на битката каде загинал легендарниот мариовски војвода Толе Паша, по што стасавме до одамна раселеното село Гуѓаково, потонато во заборавот враќајќи се кон искона. Од селото една група продолжи до амрофната карпа Писаник каде има исклесани и нацртани фрески, обрасната во шума од дива фоја и столетни дабови. Враќајќи се назад, наполнувајќи вода и пронаоѓајќи остатоци од Првата светска војна, започна вистинското искачување на речиси 1000 метри висинска разлика од селото Гуѓаково назад до преслапот Клен и од таму до врвот Трите Страги висок 1476 метри. По 2,5 часа последната група пристигна на врвот Трите Страги, при што за прв пат на една тура врвот беше искачен дури во 16:30, во доцните попладневни часови. Спуштајќи се по стрмната, гола и каменеста западна падина на Дрен групата се спушти до рудникот за мермер над Вепрчани, од каде убавиот ден и време исполнет со пешачење, дружба и по некоја голтната мушичка, беше завршен со дружба и седенка во Прилеп, по што се вративме во Скопје во доцните вечерни часови, речиси пред полноќ. (Слики на Бобан Китановски)


ПРЕБАРАЈ АКЦИИ

Статус на акции

  • Идна акција
  • Тековна акција
  • Измнината акција