070-641-998 / 070-317-740 / 070-351-898

Извештај од акција

01 Mar

УНКА на Беласица (1362 м.н.в.)   March 01, 2020   Планинарство

На 01.03., на големиот верски празник Прочка, народниот празник Летник и древниот македонски празник Ксантика, на убаво, сончево, ведро и топло мартовско време ја пречекавме пролетта искачувајќи го врвот Унка и посетувајќи ги неколкуте прекрасни водопади на југозападната падина на Беласица во Валадновско. Над 80 присутни планинари и љубители на природата од цела Македонија, од Скопје, домаќините од Валандово, но и планинарските вљубеници и македонски родољуби кои со свои возила доцна по полноќ тргнаа од Струга, Битола, како и од поблиските Гевгелија, Струмица, Штип, Куманово поделени во 2 групи уживаа на прекрасното време и преубавата природа и глетки. Помалата тура, предводена од нашиот домаќин Гоце Монев, опфати повеќе односно 4 водопади, меѓу кои и водопадот Котел, во подножјето на Беласица во должина од 13 километри. Разделувајќи се во селото Кочули, подолгата тура преку раселеното село Бајрамбос го започна својот поход од 26 километри низ разновидни убави предели, најпрвин од далечина здогледувајќи го Ѓаволскиот Водопад, а потоа минувајќи низ предели со дабова, габрова, ретка букова и борова шума. Минувајќи крај карпите со чудесни облици наречени „Сокол“ и „Копа“ со поглед кон Кожуф, Солунска Глава и Олимп во далечината како и Дојранското Езеро кое се наѕираше во подножјето, групата уживаше во убавото пролетно време, на места газејќи и мали остатоци од снег, кој врнеше во претходните последни февруарски денови. Убавината на глетката особено ги плени сите стигнувајќи на месноста Поглед од каде се здогледа целото Дојранско Езеро, а од таму за околу 20 минути сите се искачија на врвот Унка висок 1362 (некаде 1367) метри, од каде сите уживаа во убавата глетка на Дојранското Езеро како на дланка, Олимп во далечината, Кожуф. По дружбата и уживањето на врвот, групата започна со слегување на подолга делница кон 3-те водопади најпрвин навлегувајќи во долот на Чамдаш Дере посетувајќи го првин Разиграниот шарен и скалест водопад и минувајќи крај водопадот Завеса од каде преку гребенот Асалк се префрли во долот на Калдрма Дере кај преубавиот Ѓаволски Водопад, во чии бистри и студени води во вирот под него Марио влезе и се нурна во своето прво „пролетно“ капење по македонските води отворајќи ја „сезоната“. Пресреќни и презадоволни сите присутни турата ја завршија во селото Кочули од каде со прекрасни впечатоци заминаа во своите домови до следните патешествија. Слики на: Бобан Китановски, Бојан Ангеловски, Маја Керамитчиева, Силвана Божиновска, Маја Лазарова, Пеце Иванов


ПРЕБАРАЈ АКЦИИ

Статус на акции

  • Идна акција
  • Тековна акција
  • Измнината акција