070-641-998 / 070-317-740 / 070-351-898

Извештај од акција

24 Jun

ПРВА - ЗАПАДНА МАКЕДОНСКА ТРАНСВЕРЗАЛА (ЗМТ) 2022   June 24, 2022 - June 30, 2022   Планинарство

По двете одржани средби за детално меѓусебно запознавање и споделување на замислата и нацрт-планот за изведба на Трансверзалата (од кои едната и со одење на Водно), на еден ден екипата што ќе ја изоди Првата македонска трансверала, конечно се комплетираше на 8 учесници од првично пријавените 12 луѓе.

GPS запис

24.06.2022 - Старо Село - Љуботен

На 24.06. утринските часови во Скопје многу темни облаци и силен обилен дожд, но како што минуваат работните часови во текот на денот, небото се разведрува и сонцето силно огрева. Последни подготовки, бројни јавувања до надлежните установи кои (за чудо!) се решија да воведат забрана за движење во шуми токму на денот на тргнувањето на Трансверзалата, кое што го најавивме пред 2 месеци, а го очекуваме со нетрпение цела година(и). Започнува навистина топло летно време и доаѓа 15 часот, договорени за тргнување. Повеќемината собрани од паркингот на Железничка/Пошта 2, не собираат по Партизанска, но увидуваме дека во брзањето сум го заборавил подметачот за Венко, па скршнуваме и се враќаме назад до кај мене во дуќан, по што продолжуваме и преку Радуша и Дервенската Клисура пристигнуваме во Старо Село околу 16:35. Ги натоваруваме ранците и опремата во Ладата, правиме една слика кај чешмата и во 16:44 започнуваме одејќи пеш низ шумата до планинарскиот дом „Љуботен“. Со брз чекор, весело расположение и по некоја набрана јаготка и весел разговор за запознавање во кој и падна (за мене обновена) идеа со струмичаните Коста и Филип за прво поминување на Источна Македонска Трансверзала по планините од Осоговски се до Дојранското Езеро, за помалку од 1 час и 20 минути, околу 18:10 сме веќе пред планинарскиот дом. Стигнуваме пред Ладата која ја вози Зоки, а која што 2 пати зарибала, но среќа ја средиле и оспособиле со Алекс(андар М) кој исто така ќе учествува со нас на Трансверзалата. Ги ставаме ранците, правиме заедничка слика и продолжуваме нагоре со искачување по обележаната патека преку Џандарска Бука, длапката и раскрсницата со зимските маркации и низ восхитувачкиот ситен сипар-камењар под величествената карпа Козја Стена и нешто околу 20:00 часот пристигнуваме на планинското седло под Љуботен каде што ги поставивме шаторите за првиот камп. Заедно со Огнен и Венко се одлучивме и за нешто помалку од 40 минути на самрак се искачивме на врвот Љуботен кој е прва контролна точка (КТ1) на Трансверзалата. Се вративме во кампот кон 21 часот и се повлековме во своите шатори, со договор утредента да тргнеме во 6 часот, на делницата по најтешките, тесни и капрести, но и највозбудливи планински сртови се до Црн Врв. 

25.06.2022 - седло на Љуботен - Пирибег - Езерско - Пескови - Бистрица - преседлина Дојран кај Црн Врв (Бистрички Бачила)

По непреспаната ноќ, која започна сосема мирно, но потоа ветрот повремено дувајќи и тресејќи ги нашите шатори (повторно, на истото место, пак ми ја поткрши едната прачка од шаторот!), станавме во раните утрински часови на 25.06 и започнавме со лесен чекор по натпканата патека во јужен и југозападен правец под Занога и Ливадица. Наидовме на повеќето бистри и штедри извори од кои наполнивме вода и со добро темпо продолживме кон Пирибег. Искачувајќи се постепено кон 07:30 направивме мала пауза за брза закуска крај еден снежен јазик и продолживме со искачување, при што се приклучивме пресекувајќи крај столбовите на зимската маркација и среќавајќи едно стадо овци и кучиња во далечината, излеговме на планинскиот преслап Пири Б(р)ег од каде минувајќи крај локвата излеговме и кон 08:45 се искачивме на самиот Куќиногледски Врв или Пирибег каде што завршува и жичарницата „Стојкова Куќа“ од ски-центарот Брезовица и воедно е втората контролна точка (КТ2) на трансверзалата. По подолгата починка за доручек, одмор и сликање на врвот решивме да продолжиме со движење кон зацртаната одредница. Се спуштивме до планинскиот превој Бела Ројна и дојдовме под гребенот на врвот Црн Камен кој беше искачен од Огнен и Венко и по самот срт дојдовме до гребенот Езерско, каде на седлото помеѓу Езерска Чука и Езерски Врв направивме поголема пауза, а тука се сретнавме и со големата група од 70 планинари од Штрпце кои го одеа својот традиционален Видовденски марш, со кои пријателски и срдечно поразговаравме и се поздравивме. Венко ја искористи приликата да го искачи врвот Езерска Чука, но и да ни се придружи слегувајќи со нас да наполниме вода на изворот над Горното Доброшко Езеро, каде јас ја искористив приликата да се нурнам и искапам, а Филип, Огнен и Венко да разладат нозе. Се вративме горе и решивме да продолжиме по што сите го искачивме Езерски Врв и започнавме со спуштање и одење по тесниот карпест срт на Чаушица. Тука Диме забележа дека ја загубил капата, па јас му го позајмив мојот шешир, но среќа го имав мокриот пешкир со кој се избришав, да го ставам како разладно средство на главата за заштита од силното сонце и продолживме со искачување по тесниот каменест срт кон врвот Пескови. Направивме неколку слики од ова волшебно прекрасно место, со повеќето врвови во позадината, но и езерцата како Јажинечко и Чаушичка Локва во прекрасната долина на Три Води. Искачувајќи се, непосредно пред Пескови, на самиот врв забележавме дивокоза како мирно не гледа од горе (и веројатно ни се чуди, каде сме тргнале, во нејзините предели). Околу 15 часот, најпосле стигнавме на тревнатите стрмни падини на Бистрица и се искачивме до Бистрички Врв/Гужбава (Пескови) или Елема која е трета контролна точка (КТ3) и се потпишавме во книшката која стои во сандачето на самиот врв. Откако конечно го здогледавме седлото под Црн Врв, каде бееш нашата одредница и по малиот одмор продолживме  со движење. Дојдоа облаци кои донесоа свежина и олеснување при долгото и напорно одење. Минувајќи по патеката под изохипса на самите и под неколкуте врвови на Коњушка, конечно стигнавме во пределот Дојран на седлото под Црн Врв, каде ги наместивме шаторите на вториот камп, со поглед кон Кобилица, Попова Шапка и Шар (Титов Врв) и мноштвотото врвови над долината на Пена и Лешница. Отидовме и до изворчето кај разрушениот некогашен планинарски заслон (над Бистричките Бачила) и кон 17:40 започнаа подготовките за вечера, многу важна не само заради закрепнувањето на истрошените сили, туку за ослободување и намалување на тешкотијата на товарот кој го носиме во ранците. Со струмичаните Коста и Филип откако ми дадоа изум и позајмија стапче-штека за „лонгета“ на која ја прицврстив поткршената прачка од шаторот (која претходно ја повив со завој и залепив со фластер),  разменивме „рецепти“ за јадење на чушките (пиперките) кои сме ги понеле, а Диме и Алекс(андар М) правеа и вареа тестенини за кои „спореа“ дали се приготвени „al dente“. По прикажаните и измерените 26 км и над 1200 метри искачување (иако проценката и чувството укажуваа на околу 30 км и многу повеќе) и откако го гледавме зајдисонцето како ги заплискува Кобилица и Трескавец, сите легнавме да ноќеваме во шаторите.

26.06.2022 - седло под Црн Врв - Кобилица - Трескавец - Вртоп - Шилеџе - Караниколичко Езеро - Шереметица - Сакакаличко Езеро

На 26.06 се разбудивме со ведро небо и изгрејсонце кое ги огреа и заплиска Кобилица и долината на Пена. Одиме со добро расположение по зарамнетиот планински тревнат гребен на преседлината Сердарица, каде среќаваме и стадо на коњи, кои Диме ги сними со својот дрон. По малата починка за појадок веднаш под Кобилица под седлото, продолжуваме во западен правец по патеката наместа разгазена по изохипса под врвовите Кобилица, Трескавец со чудесните карпи Љубински Уши каде надполнивме вода од убавиот извор и се сликавме, потоа тревнатите врвови Вртоп и Шилеџе и преслапот Царево Гумно помеѓу нив, каде уште еднаш наидовме на убави извори на вода крај патеката. Направивме поголем одмор на ливадата со бујна трева на крајот на гребенот по што започнавме  со искачување кон седлото Зелена Ројна, каде сретнавме група планинари од Призрен и продолживме кон познатиот превој Караниколица, од каде веќе се насети подобрување на расположението бидејќи бевме блиску до прекрасното Караниколичко Езеро каде се решивме дека ќе правиме долг одмор за лежење на „плажа“ и капење во езерото. За нешто помалку од половина час, околу пладне стигнавме на Караниколичкото Езеро, на кое имаше бројни планинари од разни места, меѓу кои и нашите пријатели од Куманово кои не отпоздравија на заминување. Прекрасните бистри и тиркизно сино-зелени води на Караниколичкото Езеро не пленеа, па веднаш влеговме да се капеме и нуркаме, јас, Коста, Александар С и Диме кој напрвин снимаше со дронот, а потоа и тој влезе да се искапе. Одморивме убаво со закуска, шеги и разговор и по нешто повеќе од 2 часа, решивме наместо тука, да продолжиме и за околу 2 и пол часа да стигнеме до Скакаличкото Езеро, каде би го поставиле кампот со шатори. Со едногласна согласност и весело расположение, продолживме да се искачуваме по Шереметица и застанавме за задолжителна слика со прекрасното Караниколичко Езеро во позадината. Искачувајќи го гременот меѓу Гури Шереметица и Бриња Шахит наидовме на извор на кој застанавме да надополниме вода, но и да се сликаме со прекрасната глетка на шарската круна на највисоките врвови Шар - Титов Врв, Мал Турчин и трите врвови над Лешница. Го искачивме и заобиколивме врвот Бриња Шахит по што слеговме на преслапот и од тука започнавме да се искачуваме по тесната и стрмна патека над Скакала, а Огнен продолжи до врвот Маја. Околу 16:25 бевме крај Скакаличко Езеро, каде повторно следеше капење, пливање и нуркање од мене и Филип. Шаторите ги наместивме на северниот брег на езерото, повторно со поглед кон Кобилица, овој пат од југ и се собравме на дружба и „племенски“ планинарски собор за сложно заеднички да го договориме планот за движење за следниот ден, што имаше исклучително значење за одвивањето на трансверзалата.

27.06.2022 - Скакаличко Езеро - извори на Пена - Џинибег - Трпезница - Челепино - Шутман - Расенгул 

Повторно се стануваме и се подготвуваме на сончево и ведро небо на 27.06. и по надополнувањето вода од силниот извор на Скакаличкото Езеро започнуваме со искачување на стрмната падина на Скакала на чиј крај, правиме заедничка слика со прекрасното Скакаличко Езеро во позадината. Продолжуваме и сите го искачуваме врвот Залина, каде што повторно правиме заедничка слика овој пат со величествениот и застрашувачки Шар - Титов Врв, за кој размислуваме дали има прилика да го искачиме и како би ни влијаело тоа на времето и расположливите сили на движењето. Уште на првиот состанок кај мене во дуќан, Зоки ни препорача да го изоставиме, штом сите  сме го искачиле и да заштедиме на време и снага (2 пати сум го искачувал на Трансверзала од извори на Пена и сипарот зад Мал Турчин и знам колку е многу тешко), но сепак оставаме да размислиме. По спуштањето на преслапот продолжуваме со искачување по кривулестата козја патека под врвот Клеч, а Венко и Огнен повторно досегнуваат до самиот врв и граничниот камен на само 10ина метри над нас. Излеговме на зарамнетиот срт со мека и бујна трева до Косович и правиме задолжителна пауза кај карпата налик на престол - „тронот на Лешница“ (кој ни го покажуваше Зоки на минатите трансверзали). Задолжително секој од нас се слика седнат на престолот со поглед кој царува над Лешница и сите врвови над долината. Се решаваме на мало раздвојување Алекс(андар М) и Диме продолжуваат заобиколувајќи по патеката по изохипса, а ние останатите одиме искачувајќи се нагоре по Стрикуле (овој назив го дознав сега од Алескандар С) и од таму по меката и бујна трева се спуштивме на преслапот каде навлегува патеката кон изворите на Пена. Без големо чекање се споивме и продолживме до изворите на Пена, каде што пристигнавме околу 10:25. Надополнивме вода и одморивме убаво под сенката од „стреата“ на карпата. Донесовме одлука да продолжиме и да поминеме што поголема делница на Шар Планина и да одлучиме дали ќе ноќеваме крај Горно Врачанско Езеро помеѓу врвовите Голема и Мала Враца или уште малку понатаму под врвот Расенгул кај (од лани) ново „откриеното“ Венечно Езеро, но тоа ќе го решиме штом го ја поминеме висорамнината Шутман. Се искачивме на преслапот помеѓу долините и изворишните подрачја на реките Пена и Смрека, и по заедничката слика со највисоките врвови во позадината, продолживме кон гребенот и седлото на врвот Џинибег, а од таму и до соседниот Трпезница, на чија препознатлива и восхитувачка карпеста порта „терасата“ ја направивме задолжителната заедничка слика. Продолживме со слегување под Челепино и здогледувајќи го Боговинското Езеро околу 14 часот направивме пауза на која решително се одлучивме да продолжиме и да ја преминеме висорамнината Шутман. Одејќи со лесен и брз чекор ги поминавме неколкуте мочури и млаки и направивме починка кај бачилото зад Голема Враца кое што овој пат беше празно без овци. Најавата дека наскоро ни следи убавата соѕидана чешма со неколку шепурки над изворите на Радика не вивна и избодри да продолжиме, иако веќе имавме изминато доста пат и уморот полека не совладуваше. Достигнавме до чешмата каде немаше крај на нашите благослови за водата во која се разладувавме, закрепнуваваме и враќавме во живот, по што повторно донесовме („судбоносна“) одлука да продолжиме се до врвот Расенгул. Се искачивме зад Мала Враца и Црна Карпа и ја пронајдовме и достигнавме обележаната патека кој води до двете Дефски Езера. На една карпа наидовме на „подарок“ за решителноста и храброста да продолжиме - пронајдов убав шешир кој секако му беше даден на Диме кој претходно си ја загуби капата. Се спуштаме и искачуваме по врвиците над Луково Поле со поглед во далечината колку зад нас сме ги оставиле Титов Врв, Трпезница и високите врвови во средишниот дел на Шар Планина. Заморот полека не совладуваше, а посебно Алекс(андар М.) кому почнаа да му се појавуваат силни болки во колената при спуштање, заради што некои гребени ги заобиколуваше, но при едно чекање додека отидов да го барам пријатно не изненади што се појави слегувајќи од повисоко од каде што минавме сите. Помагајќи му малку околу ранецот, го направивме последното долго искачување над Луково Поле и Радика Планина до врвот Расенгул каде околу 19:15 часот и 31-32 изминати километри, решивме да ги поставиме шаторите на неговата источна падина во една длапка под која истекуваше вода од една млака. Со мислите за утрешното досегнување до „цивилизацијата“ во Маврово веднаш легнавме да ноќеваме во шаторите.

28.06.2022 - Расенгул - Фудан - Лера - Кожа Планина - Маврови Анови - Маврово - Галичник

Стануваме и правиме прекрасна слика од Алекс(андар М) како изгрејсонцето ја оцртува неговата силуета („адам-бој“ - учесниците ќе се сетат за разговорот за зборот „бој“ во дните претходно) со силен отсјај. Овој наш 4-ти ден, 28.06 ќе е долг но и клучен по многу нешта. Веднаш се искачуваме до патеката под врвот Венец го преминуваме сртот и наместа по широк пат одиме кон Фудан над долината на Идризова Дупка и Аџина Река кои се протираат кон запад. Кај познатите врвчиња „две цицки“ по мала пауза за да се собереме, навлегуваме над долот на Дедел-Бег, но наместо како што одиме вообичаено подолу, одиме крај столбчето од зимската маркација, и по делумно обележана патека, која понатаму разгазаена од стадата коњи и овци, одиме високо под Фудан каде наидуваме на извор од кој надполнуваме вода. Движењето ни е малку забавено поради заморот и болките во колената, но продолжуваме со постапно искачување до сртот и седлото меѓу врвовите Фудан и Лера над долот Зендел-бег. Повторно, пријатно изненадување од Алекс(андар М) кој кога пак отидов да го барам  стравувајќи да не заостанал многу, тој повторно победоносно се појави над сите нас на сртот упатувајќи не каде да одиме. За нешто повеќе од 3 часа стигнавме до Лера, каде се поделивме едните да одат право на врв, а другите да го најдат изворот под врвот каде што вообичаено кампуваме на Трансверзала и да надополнат вода. Го прекачивме седлото помеѓу последните два најјужни шарпланински врвови Лера и Морава и со радосен чекор започнавме да се спуштаме по гребенот Сотка над Дуф се до месноста Димкова Црква каде на самиот почеток на шумата (конечно сенка!) ја имаме и чешмата од силниот извор. Со извесно заостанување и бавно одење заради неподносливите болки во колената во шумата над изворот ни се приклучи Алекс(андар М) и се решивме да се јавиме во НП „Маврово“ чии што служби во петокот самите ни се јавија по телефон околу правилата за дозволите за движење, за да побараме поддршка, а воедно преку Љубиша договоривме и возило за да ни ги однесе ранците од Маврови Анови до Галичник, за ние да ја поминеме таа делница пешки. Речено - сторено за 15-20 минути пристигна возило на НП „Маврово“ кое го презема Аце за да го однесе до Маврови Анови, а ние се префрливме и започнавме со искачување на Кожа Планина до предавателите каде ја направивме задолжителната слика со Мавровското Езеро во позадина. По мало двоумење за правецот на слегување, со цел точно да погодиме да излеземе во Маврови Анови, и за прв пат откако ја поминавме цела Шар Планина видовме GPS и карта, започнавме со слегување. При ова двоумење, Диме повторно си го загубил шеширот кој го пронајдовме на Шутман, но сега бевме во сенка. По неверојатна прецизност го погодивме долот со ливадата кој и во 2019 на Трансверзалата не донесе точно кај куќите над продавниците и рестораните во Маврови Анови (што е поповолно отколку кај бензинската и дополнителниот километар пеш по асфалт). Овој пат ја снимивме оваа делница што ја изминавме и си дадов обврска во најсково време и да ја обележиме со планинарски ознаки и маркации за да им служи и на другите учесници што ќе ја одат Трансверзалата во иднина. Пристигнуваме во Маврови Анови со голема радост, веднаш се освежуваме со лубеница која што ја купив јас, и сокови од Алекс(андар М), но тука на сцена стапува Коста кој како струмичанец со природна дарба и предодреденост одбира и купува уште една лубеница која се погодува уште посочна и „шербет“ - поблага. Отидов до инфо-центарот на НП „Маврово“ за да ги платам влезниците и штом се вратив интересна случка повторно „подарок“, од едно комбе кое застана да собере некој патник, се стркала лубеница токму пред мене. Залудни беа моите довикувања и свирежи дека им испадна лубеницата, тие си продолжија со полна гас, а ние добивме на подарок уште една 3-та лубеница која заедно со ранците ја натоваривме во возилото за Галичник. Во 16 часот, се поделивме еден дел од групата со возилото, а Огнен, Венко, Коста и јас продолживме пеш преку браната на Мавровското Езеро и кај новата црква на кривината кај Лекова Чешма започнавме да се искачуваме низ шумата по некогашната „печалбарска патека“ на жителите на Галичник по која не водеше Мијалче пеш на ЗМТ во 2015, а ние ја повторивме при обележувањето на патеката за Езерски Рид на „12 Врвови“ во 2020. Излеговме на тревнатата висорамнина кај ски-терените и крај бачилото зад жичарата со брз чекор достигнавме до Галичко Бачило и минувајќи под Галичкиот ски-лифт искачувајќи ја Салтаница се спуштивме низ долот Русин на неколку километри пред Галичник. Нашата силна волја, беше наградена со тоа што последните 5 километри ја имавме таа среќа да не одиме по асфалтот туку по разгазената патека од коњите крај патот. Околу 20:15 пристигнавме во Галичник и започна гозбата со обилни вкусни јадења и пиења во „Бабе и Деде“, каде некои учесници искористија прилика и за капење и надополнување на телефоните. По убавата дружба доцна вечерта по 22:30 часот го наместивме кампот на игралиштето кај Селска Ливада и го завршивме овој ден со поминати 42 километри растојание по прекрасните македонски планини.

29.06.2022 - Галичник - Селце - Тресонче - Лазарополе - Гари - ливада под Св. Петкина вода на Стогово

Давајќи си малку повеќе време за поспивање, се спремивме, ја исековме и изедовме лубеницата и тргнавме во 7 часот. Надополнувајќи вода од чешмата Белчевица навлеговме во густата шума под гребенот Венец и по заедничката слика на крстосницата со патеката за Брзовец запончавме да слегуваме по шумовитиот дол кон Селце. По патот наидовме и на (за мене запамтената и позната) црна планинска цреша и по сликањето кај карпите во долот стигнавме до познатата чешма со бујни и бистри студени води во Селце, каде направивме поголема починка за појадок. Продолживме со слегување кон Тресонче каде повторно ја „обравме“ црешата спроти црквата и започнавме со искачување по патот кон Лазарополе, на делницата кој Мијалчо ја нарекува „витаминска“ патека која и овој пат се покажа во вистинско светло и смисла на зборот, па не нагости со бројни јадри и сочни јаготки, малини, цреши. Некаде пред пладне стигнавме во Лазарополе, каде се решивме големата горештина да ја поминеме во одмор. Јас веднаш зедов диња, а повеќемина се нагостија со вкусни јадења и чорба од Калин Хотел. По двочасовна пауза и сликање на сретсело бидејќи Лазарополе е официјална контролна точка (КТ 7) започнавме со слегување по Волчи Дол до Гари. Освежувајќи се на чешмата од жешкото сонце и имајќи занимлива случка при средбата со неколку мали девојчиња кои се исплашија од нашите огромни ранци (и веројатно уморни лица), конечно достигнавме во познатата меана - мотел „Топила - Маргуле“. Откако се разлдивме во бистрите води на брзаците, започна уште една убава и долга седенка и дружба со обилни јадења, салати, десерти, пиења која траеше повеќе од 2 часа. Откако се досетив на зарамнетите ливади во шумата на Стогово над Гари и се слушнав со Зоки по телефон, се одлучивме да отидеме уште малку од прилика 1 час пеш над селото, во шумата и таму да го поставиме последниот камп. Така и сторивме, на само 2 минути под црквичката Св. Петка каде има и чудвотворен лековите извор на една тревната зарамнета ливада, во шумата ги поставивме шаторите и на „оган под ѕвездите“ ја направивме последната вечерна дружба и седенка.

30.06.2022 -   ливада под Св. Петкина вода на Стогово - Мегданица - Бабин Срт - Караорман - Црвена Вода - Охрид

Се одлучивме и тргнавме малку порано околу 5:30 и со брз чекор ја напуштивме шумата  прегазувајќи ја полноводната и бучна Гарска Река излегувајќи на тревнатото планинско било на Стогово на Меганица. По „задолжителната“ но мирољубива средба со кучињата во бачилото започнавме со искачување на тревнатата падина кон исток и го одминавме изворот крај кој што вообичаено го правиме последниот камп. По малата пауза на која ги бркавме досадните муви и чекавме облакот од маглата од утринска роса да се крене над Бабин Срт го искачивме гребенот Оѓиница и по сосема мала пауза на самото седло (на која се разврза „фудбалски“ разговор предводен од Александар С. и Филип), во 09:35 го искачивме врвот Бабин Срт кој е и последна контролна точка (КТ 8) на Трансверзалата. Со малку заморен чекор продолживме со одење кон Алипашица и со качување и спуштање на неколкуте тревнати гребени на Стогово навлеговме на шумовитиот Караорман, каде направивме задолжителна пауза на изворот кај бачилото и партизанскиот споменик на првата слободна територија во Македонија. Продолживме пеш по шумските патишта, и на последна починка пред Распаќе се чувме и го догворивме превозот до извидничкиот камп во Охрид,направивме и уште една пауза малку подолу кај возобновената црква над Црвена Вода каде се чувме со луѓето во извидничкиот камп. Со весел и пријателски разговор ги изминавме последните километри до Црвена Вода додека небото се наоблачуваше. Само што пристигнавме и ги направивме последните чекори кај црквата во Црвена Вода во 15:30, откако 6 дена и изодени (измерени) 192 километри, времето пријатно не обдари и галеше со сонце и ведро небо, засолнети под стреата го дочекавме првото невреме со град и дожд.

Со честитки и шеги го дочекавме превозот и заминавме до извидничкиот камп во Охрид, каде откако се нурнав во езерото направивме и заедничка слика по што веднаш мораше да заминам, а групата остана на дружба и заслужен одмор по прекрасното поминување на траснверазалата, кое дури неприметно испадна и побрзо поставувајќи своевиден рекорд на изминувањето. Уште на тргнувањето Диме (кој од Делчево до Кочани довозе со точак) договори да му го донесат точакот во Охрид  за да сврти круг околу езерото, Венко и Огнен исто имаа планови за други спортски активности на отворено и вода во Охридското Езеро, а Коста и Филип по едно ноќевање планираа да одат за Струмица каде  се вклучени во организацијата на ноќното искачување на Беласица.  Убавите заеднички поминати мигови на прекрасните планини на трасата на првата - западната македонска трансверзала, незаборавните мигови и дружба на оваа прекрасна екипа, оставија обврска да се видиме наскоро за да си ги доделиме значките, признанијата и наградите за успешно поминатата Трансверзала и воедно повторно да се сретнат нашите патишта и планинарски дружби на планините низ нашата прекрасна и најубава, најсакана Македонија!

Учесници:

Коста Тауков - ПАОК „Ентузијаст“ Струмица
Филип Секулов - ПАОК „Ентузијаст“ Струмица
Венко Кавадарков
Огнен Беќаровски
Диме Трајановски 
Александар Стерјовски
Александар Маркоски
Марио Шаревски (водич)


ПРЕБАРАЈ АКЦИИ

Статус на акции

  • Идна акција
  • Тековна акција
  • Измнината акција