070-641-998 / 070-317-740 / 070-351-898

Извештај од акција

10 Jun

Врв 9/12: Бачилски Камен на Кораб (1928 мнв)   June 10, 2018   Планинарство

На 10.06.2018 беше искачен деветиот врв во втората сезона на планинарскиот предизвик „12 Врвови“ - Бачилски Камен во прекрасната и разбуена „алпска“ природа на планината Кораб. Група од нешто над 30ина планинари од Скопје, Битола и Гостивар го започнаа овој поход од крајното горнореканско село Тануше високо во изворишниот дел на долината на реката Рибница, од каде движејќи се во западен правец навлегоа во густите и недопрени корапски прашуми од букови и елови дрвја. Искачувајќи ја стрмната падина низ шумата групата излезе на полјаните на висорамнината Лисењ од каде движејќи во југозападен првец и прегзаувајќи го Завојскиот Поток излезе на билото на планината Кораб во пределот на Три Синора и Хурдет е Јурукут наспроти врвот Плоча достигнувајќи речиси височина од 2000 метри со отворена глетка кон врвовите Бачилски и Бабин Камен и грамадните Шупла Стена, Црн Камен и Дерза кон север. Упатувајќи се по разгазена овчарска и некогашна граничарска патека, прегазувајќи снежни јазици и извори групата се упати кон север, од каде помала група скршна кон превојот Шкртец на македонско-албанската граница, а друга група се упати и за околу 4 часа прва достигна до врвот Бачилски Камен висок 1928 метри. Главната пауза беше направена блиску до природното ледничко Бачилско Езеро на седлото помеѓу врвовите Бачилски и Бабин Камен.

Езерото за кое од нашиот пријател и познавач на овој крај, Неџат Шаини, чувме предание дека во далечното минато се удавил овчар од Врбјани поради што тоа меѓу мештаните е познато и како Врбјанска Бара, беше искусено од 2 планинари-„капачи“ Марио Шаревски и Кирчо Топуков, а повеќемина ги разладија своите нозе во неговите води. Уживајќи на паузата, поголем дел од групата го искачи и блискиот и многу стрмен врв Бабин Камен, висок 1938 метри, од каде се виде прекрасна глетка на природните леднички корапски езера, како и чудесните карпести облици на јужната падина под овој врв. Спуштајќи се по долот на Изворскиот Поток меѓу ливади со смреки, некогашни ниви со компири, групата повторно навлезе низ густите прашуми на гребенот Осој, од каде се спушти и со боси нозе беше прегазен Бабин Поток / Прој и Бабес, од каде по уште дваесет минутно пешачење акцијата беше успешно завршена со изминати 15 километри пешачење, повторно враќајќи се во Тануше. (Слики на: Бобан Китановски , Марио Шаревски, Kire Jankulovski Gaolce, Pece Ivanov )


ПРЕБАРАЈ АКЦИИ

Статус на акции

  • Идна акција
  • Тековна акција
  • Измнината акција