070-641-998 / 070-317-740 / 070-351-898

Блог

"Македонското знаме на врвот Винсон 4892м на Антарктикот со ладни раце, но топло срце” –Илина Арсова

Планинарство January 14, 2020
img

Мисијата 7 врвови е завршена! Македонското знаме на врвот Винсон 4892м на Антарктикот со ладни раце, но топло срце” –Илина Арсова

Во саботата наутро на 28 декември нашата планинарка и алпинистка Илина Арсова која беше дел од меѓународна експедиција, го искачи врвот Винсон 4892 мнв. на Антартикот. Со ова искачување Илина Арсова стана прва жена од нашата земја и една од 60-те во светот кои ги искачиле највисоките врвови на сите континенти (по Меснерова листа), како врвен успех во планинарските спортови. Со ова искачување Илина го комплетираше проектот „Seven Summits“, искачувајќи ги сите 7 највисоки врвови на 7-те континенти, исклучителен личен, клупски, национален и светски резултат.

Арсова е првата Македонка која се искачила на оваа планина, и со овој подвиг успеала да ги искачи сите највисоки седум врвови на седумте континенти на планетата Земја. Со ова, таа го комплетира и проектот на Федерацијата на планинарските спортови на Македонија (ФПСМ) и Агенцијата за млади и спорт, „Седум самит”.

„Навистина посебно беше чувството кога пред завршување на седмиот врв и моето пристигнување во Скопје на аеродромот, освен најблиските ме пречекаа и група планинари, мои пријатели, колеги на чело со професорот Угриноски кој воедно е и првиот Македонец кој стапнал на поларното тло на Антартикот во 2002 година. Се чувствував посебно. Сите тие луѓе на свој начин ме мотивираа да останам истрајна до завршување на оваа мисија”, рече Арсова.

Таа додаде дека најмногу и е драго што овој планинарски подвиг предизвикал големи реакции во јавноста и радост кај пошироката јавност, а не само кај планинарите.

„Навистина имаше бурни реакции на социјалните мрежи и во медиумите, имајќи предвид дека сепак планинарските спортови не се најпопуларни спортови како ракометот и кошарка, кои имаат многубројна публика. Нашата публика е планината, сувата карпа и снегот. Нема кој да навива за нас кога сме таму. Ни останува кога ќе се вратиме преку фото и видео материјали да ви прикажеме, да успееме да доловиме мал дел од она што се случува на планината, а тешко е да се пренесе студот, лавините, опасноста и ризици кои не демнат постојано, не се гледа ниту на фотографија а тешко се доловува и на видео”, изјави Арсова.

Таа пред медиумите говореше и за комплексноста на планинарењето како спорт бидејќи вклучува сегменти од повеќе спортови, дисциплини и вештини кои планинарот треба да ги поседува, за да биде член на една експедиција и за да постигне високо и гордо достигнување.

„Освен планинарење, ние треба да знаеме да качуваме карпа, да имаме познавање од алпинизам, но треба да знаеме да ракуваме со опрема за извлекување и спасување, да ракуваме со јажиња и опрема за обезбедување, треба да познаваме прва помош, дотолку да може да си укажеме на себе си или на партнерот. Треба да познаваме и лавинологија, метерологија, топографија, геоморфологија…

Планинарот мора да се приспособи на екстремни услови за живот, а споредбено со другите спортови, утакмицата на планинарите трае со денови или месеци на повисоките планини. До 53 дена се движат на висина над три илјади метри. Тоа се услови за кои нашето тело не е создадено да живее и нормално да функционира”, објаснуваше Арсова.

Додека се наоѓала на Антарктикот, како што рече, температурата паѓала до -18 степени во шаторите од експедицијата, а на врвот имало -40 степени. Експедицијата во која учествувала броела четворица алпинисти и еден водич. 

Инаку, Арсова освен што е ликовен уметник и алпинист, таа е и активист за заштита на животната средина, па истакна дека Антарктикот е најчистото место на планетата, каде владејат строги правила за одржување на животната средина. Таму зад себе не смее да се остави никаков смет, па затоа учесниците на експедицијата својот измет го чувале во кесички и го вратиле назад со авионот во Чиле. 

Претседателот на Федерацијата на планинарските спортови на Македонија, (ФПСМ), Јовица Угриновски во своето обраќање кажа дека заслугата е индивидуална, односно е нејзина, таа самата знае колку напор, желба, љубов, време, а и пари се потребни за да се оствари целиот проект. Но, истовремено додаде дека Федерацијата и Агенцијата за млади и спорт комплетно застанале зад овој проект.

Искрени Честитки на Илина Арсова за ова врвно планинарско достигнување! Огромен успех, подвиг за почит! Прегорди сме на тебе!!!